Скопје, 29.05.2024 - Според резултатите презентирани денеска на Годишното акционерско собрание, зад НЛБ Банка Скопје е уште една успешна година која ја одбележаа силната кредитна поддршка за бизнисот и населението и одржливото и одговорно делување, што резултираше со раст во сите сегменти од работењето и остварена нето-добивка од 52,3 милиони евра. На денешното Собрание на акционерите беше усвоена Одлука за определување износ на дивиденда за 2023 година во висина од 36,6 милиони евра.
„Во 2023 година, и покрај бројните предизвици, инфлаторни и ценовни, нарушени синџири на снабдување, воени конфликти и намалени инвестиции во бизнисот, прилагодувајќи ги оперативните активности и ценовната политика на економските и пазарните услови, согласно промените во законските одредби и деловната стратегија на Групацијата, НЛБ Банка оствари позитивни деловни резултати во сите сегменти од работењето, а годината ја заврши со нето-добивка од 52,3 милиони евра што преставува годишен пораст од 32,2%.“ – истакна на почетокот на своето обраќање до акционерите Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.
Вкупната актива на Банката достигна 1,9 милијарди евра што е за 3,3% повеќе во однос на претходната година, при раст на кредитната активност од 4,3%, што се должи на раст на кредитите кај домаќинствата во однос на претходната година. Во сегментот правни лица, Банката обезбеди значајна поддршка на проекти за унапредување на животната средина, инвестициони активности во областа на ЕСГ проекти со кои се овозможува зелена транзиција на клиентите, и во финансирање на бизнисот во севкупен износ од 273 милиони евра нови пласмани, додека уделот на нефункционалните пласмани се наоѓа на ниско ниво од 3,6% од вкупното кредитно портфолио. И вкупните депозити забележаа годишен раст од 2,6%.