Зошто токму „SEE ARТ“ како назив на новата уметничка колекција на НЛБ Групацијата?
Името на новата колекција „SEE ART“ се однесува на Југоисточна Европа (ЈИЕ), матичниот регион на НЛБ Групацијата и ѝ дава јасна географска рамка на колекцијата. Во исто време, нè поканува да ја видиме, погледнеме и истражуваме уметноста поинаку, во контекст на сегашноста и минатото, сеќавањата, различните идентитети и култури и предизвиците на денешницата и нашата заедничка иднина.
Целта на проектот е да се подобри разбирањето и знаењето за различните културни средини, а со тоа да се промовира толеранцијата и различноста, а во исто време да произлезат и нови одржливи идеи и акции со различни изрази на современата уметност.
Мира Гаќина истакна: „Ова не е првпат Љубљана да има влијание врз развојот на визуелните уметности во регионот. Така беше со децении во минатото преку Љубљанското биенале на графички уметности, но и во поново време преку работата на бројни теоретичари на уметноста, историчари и куратори кои ја преиспитаа и осмислуваа историјата на уметноста на нашите простори. Времето во кое живееме има многу внимателни и љубопитни набљудувачи, т.е уметници од регионот. Така, колекционерството на нивните дела значи создавање документ на нашето време. Ние обично ги гледаме банките како чувари на вредните нешта, на нашите заштеди и плановите за подобра иднина. Токму поради оваа причина, иницијативата за создавање колекција треба да се гледа како напор на еден „чувар на вредностите“ кој покажува посебна грижа за она што ние го сметаме за наше вредно наследство“.
Според Маја Колариќ, колекцијата ќе вклучува уметнички дела од уметници од целиот регион, од сите генерации, вклучително и на оние во подем. „Ќе биде разновидна во обидот да ги покрие сите медиуми од слики, скулптури, видео, инсталации, перформанси, до дигитални медиуми и нова технологија, поттикнувајќи секакви иновации во уметноста кои ги кршат конвенциите и ги предизвикуваат границите. Нашата политика на собирање уметнички дела ќе вклучува различни методи кои ќе овозможат поширок и подлабок преглед на уметничкото творештво: јавни тендери, уметнички конкурси и награди и изложби кои ќе служат како основа за проучување на нови нарачки и купувања. Колекцијата е наменета да понуди автентично и уникатно уметничко искуство кое носи ново знаење и дава инспирација за гледачот“.
Тевж Логар заклучи: „Сегментот од изложбената програма на галеријата „Банкариум“ е она што го прави нашиот проект да се издвојува во споредба со други слични, корпоративни проекти кои се занимаваат со регионот на ЈИЕ. Изложбената активност во дијалог со истражувањата, издаваштвото, номадските резиденции, институционалните соработки и слично не само што одат подалеку од разбирањето на колекцијата како апстрактен ентитет кој се состои од збирка артефакти, туку делува и како платформа за подигање на јавното знаење и подобрување на условите за продукција. Ова е секако уникатно во овој регион, а таквиот пристап несомнено му овозможува на проектот „SEE ART“ да стане извонредна референтна точка за современата уметност низ поширокиот регион“.